Светската банка денес додели дополнителни девет милиони евра за продолжување на реформите во македонскиот катастар преку проектот „Катастар на недвижности и регистрација“. Заемот треба да се врати во наредните 25 години со осум години грејс период и каматна стапка од шестмесечен либор за евровалута со варијабилен распон која моментно изнесува 1,2 проценти.
Средствата треба да помогнат во дигитализацијата на постоечките катастарски мапи и планови и достапност на овие графички информации до граѓаните и приватниот и јавниот сектор преку интернет. Ќе се подобрат и точноста и ефикасноста на премерот преку комплетирање и надградба на државната геодетска референтна мрежа, а предвидена е и модернизација на работниот процес во Управата за имотно-правни работи при Министерството за финансии со цел нудење поефикасни и побрзи услуги за граѓаните.
Според министерот за финансии Зоран Ставрески, кој во име на Република Македонија го потпиша договорот со Светската банка, Катастарот на недвижности е воспоставен во 99 проценти од катастарските општини, а последните неколку години енормно е зголемен бројот на запишаните купопродажби, хипотеки и други трансакции, што укажува и на подобрување на ефикасноста во одржување на катастарот. Воедно времето за регистрација на купопродажба е скратено од 60 на пет дена.