Во организација на Асоцијацијата на архитекти на Македонија, од 17 до 31 мај ќе се одржи XVIII Биенале на македонската архитектура БИМАС 2016. За годинава е предвидена богата програма, составена од предавања, изложби и презентации од еминентни домашни и странски архитекти на различни локации во Скопје. Темата на овогодишното биенале е „РЕЦИКЛИРАНА АРХИТЕКТУРА“. „Поимот рециклирање во овој контекст се однесува на потребата да се понудат нови одговори на урбаните елементи и програми кои во денешни услови се надминати и застарени. Времето во кое живееме е време на брзи промени и подразбира висок степен на приспособливост на оние што го живеат кон новопроизлезените состојби. Архитектурата, од друга страна, е бавна и тешко се приспособува на брзите промени во општеството“ посочува Бојан Каранаков, претседател на организацискиот одбор на БИМАС 2016.
Свеченото отворање на Биеналето на македонската архитектура ќе се одржи на 17 мај, во Музејот на град Скопје. Архитектонската манифестација започнува со традиционална изложба на селектирани трудови од македонската архитектонска продукција од изминатите две години. Како и досега, извонредна актуелност се очекува да предизвика изложбата на студентите по архитектура БИСТА 2016, која е предвидено да биде поставена во Мала Станица.
Меѓу поинтересните настани од годинешниов БИМАС е и изложбата на фотографии насловена како „Имагинарен град“ на архитект Александар Наумчески. Изложбата ќе се отвори на 19 мај во просториите на Јавна Соба, со почеток од 20 часот.