Министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски денеска изврши увид во градежните работи на новата социјална зграда во Гостивар. Во овој град треба да се комплетираат 70 станови, наменети за социјално ранливите категории на граѓани. Инвестицијата во проектот изнесува 84 милиони денари, кои се обезбедени преку владиниот Проект за изградба на станови за социјално ранливи категории на граѓани. Покрај во Гостивар, владиниот проект во моментов се спроведува во Кочани и Македонски Брод, каде се градат 43, односно 10 социјални станови.
Владиниот проект се реализира преку Акционерското друштво за стопанисување со станбен и деловен простор од значење за Републиката. Во наредниот период е предвидена изградба на дополнителни 579 социјални станови во Виница, Пехчево, Скопје, Свети Николе, Струмица и Пробиштип.