Претходна статија
Во Гостивар, Кочани и М.Брод се градат 123 социјални станови
Следна статија
ФОТО ВЕСТ: Се шлака творбата на архитект Зоран Штаклев

Ќе се реконструира објектот на Народно-универзитетската библиотека

Објавено на 09.05.2016 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Државата конечно најде финансиски средства за реконструкција на објектот на Народно – универзитетската библиотека „Св. Климент Охридски“ во Скопје. При денешната посета на институцијата, министерката за култура Елизабета Канческа – Милевска информираше за претстојниот санационен зафат. Со проектот е планирано да се изведе нов покрив, електрични инсталации, водоводна мрежа и санитарни јазли во објектот, но и да се промени постоечкиот ентериер. Градежните работи ќе се одвиваат во три фази, при што првата треба да биде комплетирана до јуни годинава. На самиот почеток, ќе се санира водоводната мрежа и санитарните јазли во библиотеката, кои во моментов се наоѓаат во катастрофална состојба.

 

 

 

Од националниот буџет за првата фаза од проектот се издвоени финансиски средства од 5.200.000 денари. По заокружувањето на пoчетната фаза, предвидено е да се распише тендер за избор на изведувач што ќе го реконструира покривот на зданието. Во согласност со постоечката состојба, идната покривна конструкција на библиотеката ќе чини околу 36.000.000 денари. Покривот на објектот во моментов е во лоша состојба, а при поголеми дождови влагата навлегува и во внатрешноста на библиотеката. Во третата фаза од проектот ќе се реконструираат двете големи читални, административниот простор и сите останати внатрешни простории. Воедно, министерката Канческа – Милевска денес информираше дека со средства на надлежното министерство е купена опрема за дигитализација во вредност од околу 10.000.000 денари.

 

Најавената реконструкција на Народно – универзитетската библиотека следи по изградбата на дигиталната библиотека, која беше пуштена во употреба на 24 мај 2009 година. Објектот на библиотеката „Св. Климент Охридски“ е издигнат во 1971 година, како дело на македонскиот архитект Петар Муличковски. Објектот e оформен од армиранобетонски скелет, кој на фасадата е вткаен со мотиви инспирирани од македонското културно наследство.

 

» Форумска дискусија за овој објект

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk