Претходна статија
Прилепските компании чекаат природен гас од државата
Следна статија
Ќе се гради сквер во населбата Жданец

Купувањето велосипед ќе биде субвенционирано од Општина Центар

Објавено на 05.05.2016 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

И годинава ќе продолжи реализацијата на проектот „Цел Центар на точак“ на скопската општина Центар. Секој жител на општината од денеска ќе може да поднесе барање за субвенционирање на купувањето велосипед. Правото на субвенција е еднократко за секој граѓанин, се однесува на субвенционирање до 30% од цената за купување нов велосипед, но вкупната вредност треба да изнесува до 3.000 денари. Од локалниот буџет за оваа намена се издвоени 2.800.000 денари. Градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски денеска одржа прес-конференција на оваа тема.

 

„Секој полнолетен жител на општина Центар, кој ќе купи велосипед, треба да достави копија од лична карта со која потврдува дека е жител на општината, фискална сметка со сметко-потврда или фактура за купен велосипед и копија од трансакциска сметка“, изјави градоначалникот Жерновски. Во изминативе две години преку овој проект се исплатени субвенции за купени 1.867 велосипеди. Само во текот на денешниот прв ден од проектот, до општината биле доставени 14 барања за субвенции.

 

 

 

Градоначалникот Жерновски најави дека во наредниот период ќе се работи и на подобрување на велосипедската инфраструктура во општината. „По сугестии на граѓаните, започнавме со реализација на темелна студија за лоцирање на проблемите во рутите и движењето на велосипедистите на територијата на општината. Проектот го изработуваме во соработка со професори од Архитектонскиот факултет“, вели првиот човек на Општина Центар. Според првичните резултати од проектот, он-лајн истражувањето спроведено врз 800 корисници на велосипед покажало дека високи 96,7% од нив минуваат со своите превозни средства низ територијата на оваа скопска општина.

 

Општина Центар ќе биде првата локална самоуправа во земјава, која преку научна студија ќе ја дизајнира велосипедската инфраструктура на својата територија. Од следната година ќе бидат одвоени посебни финансиски средства за подобрување на патеките за велосипеди, врз основа на споделеното искуство од граѓаните.