Сопствениците на имот во 29 катастарски општини во земјава ќе можат да се стекнат со бесплатен имотен лист од Агенцијата за катастар на недвижности. Оваа вест се базира на одлуката на македонската влада од минатиот месец, за која се тврди дека е во согласност со програма заснована на измените во Законот за катастар на недвижности од 2013 година. Од државната агенција денеска ја оправдаа ваквата мерка со фактот дека во проектот се вклучени оние општини каде процентот на неутврдени права на сопственост е поголем од 20 проценти.
Според податоците од Агенцијата за катастар на недвижности, во Република Македонија има вкупно 4.047.000 катастарски парцели, при што 9,9% од парцелите и понатаму имаат неутврдени права на сопственост. Во проектот се опфатени дел од поголемите општини, меѓу кои се и: Велес, Гостивар, Кочани, Куманово, Македонски Брод, Радовиш и Штип. Сите заинтересирани лица треба да достават барања до подрачните одделенија на катастарот, заедно со документацијата што ја поседуваат за својот имот. По поднесеното барање, стручни екипи од надлежниот орган ќе извршат бесплатен премер и ќе им го запишат нивното право на сопственост во катастарот.
Од Агенцијата за катастар на недвижности посочуваат дека за наредната година ќе останат уште 73 катастарски општини, во кои граѓаните ќе се стекнат со можноста за бесплатно да ја искористат оваа услуга. Главната цел на катастарот е целата територија на земјава да биде покриена со катастарски парцели кои имаат утврдено право на сопственост.