Градот Скопје ќе ја реконструира главната сообраќајница во општина Ѓорче Петров. Тендерската постапка за избор на најповолен изведувач е завршена, при што властите одлучиле работите на терен да ги врши фирмата „Пелагонија“ од Гостивар. Градежните работи треба да се комплетираат најдоцна за осум месеци. Со изведбениот зафат ќе се промени постоечкиот асфалт на улицата „Ѓорче Петров“ на потегот од објектот „СП Планет“ до излезот од Скопје кај мостот што води кон општина Сарај. Целосната санација ќе се одвива фазно, при што во следниот период најпрво ќе се реализира првата етапа.
Од градскиот буџет за реконструкција на главната сообраќајница во Ѓорче Петров се издвоени средства од 18.611.462 денари, односно околу 300.000 евра. Паралелно со обновата на коловозот, градските власти во наредниот период ќе продолжат со санација на велосипедската патека од десната страна долж целата траса на сообраќајницата. Тендерот за изведба на реконструктивниот зафат беше публикуван на почетокот од февруари годинава.
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk