Претходна статија
Општина Центар инвестира во надградба на училиштето „Гоце Делчев“
Следна статија
Опозицијата бара повлекување на спорните ДУП-ови во Аеродром

Уште еден пешачки мост ќе се гради во центарот на Скопје

Објавено на 01.04.2016 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Владиниот проект „Скопје 2014“ ќе се прошири со уште еден објект – нов пешачки мост што треба да ги спои кејовите „Димитар Влахов“ и „13-ти Ноември“ во централното градско подрачје. Без каква било претходна најава, Градот Скопје денеска го распиша Конкурсот за архитектонско – урбанистичко идејно решение за нов пешачки мост што ќе го поврзе просторот кај „Дрводекор“ со новиот плоштад „Пресвета Богородица“. Од архитектите се бара во своите решенија да ги почитуваат програмските барања, да обезбедат изводливост и одржливост на решението,  да гарантираат инвентивност во пристапот на обликувањето и економичност на решението.

 

 

 

Градската власт планира да додели главна награда од 100.000 денари во нето – износ на најуспешното идејно решение, додека второнаградениот труд ќе се стекне со награда од 70.000 денари. Вредноста на третата награда изнесува 50.000 денари, додека Градот Скопје планира и да откупи два труда за кои е подготвен да одвои по 10.000 денари во нето – износ. Заинтересираните автори и архитектонски бироа треба да ги достават своите трудови најдоцна до 4 јули. Членовите на жири – комисијата што ќе одлучуваат при изборот на архитектонско – урбанистичкото решение не се јавно објавени.

 

Од Град Скопје во изминатиов период не ги објавија причините поради кои е неопходно да се гради нов пешачки мост, и тоа на простор од стотина метри меѓу кои веќе постојат два моста за пешаци и возила. Во деталниот урбанистички план „Голем Ринг – Исток“ е предвиден пешачки мост со пратечки содржини. Градските власти допрва треба да објаснат за какви содржини станува збор.

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk