Директорот на Агенцијата за катастар на недвижности Славче Трпески денеска ги потсети граѓаните дека крајниот рок за поднесување на барањата за легализација на дивоградбите истекува за два дена. Граѓаните имаат можност да ги поднесат барањата најдоцна до 31 март, при што оваа поволност важи за оние кои пропуштиле да се вклучат во процесот на легализација на бесправно изградените објекти. Услов за легализација на дивоградбите е објектите да се изградени најдоцна до 3 март 2011 година. Од катастарот посочуваат дека барање за легализација на објектите треба да поднесат и оние лица кои поседуваат објект што не е изграден согласно градежно техничката документација.
Од Агенцијата за катастар на недвижности велат дека продолжувањето на рокот за поднесување барања ќе им овозможи на граѓаните да ја искористат последната шанса за легализација на своите бесправно изградени објекти. Со оваа можност ќе им се овозможи на граѓаните навремено да нарачаат и изготват геодетски елаборати, како и да се откочат голем број на постапки кои поради нерешени имотно-правни работи не можеле да се решат во процесот на легализација. Заклучно со денешниот ден, во Агенцијата за катастар на недвижности се запишани 147.358 легализирани објекти на територијата на сите македонски општини.