Рекреативна велосипедска патека ќе се гради по должина на реката Брегалница во Штип. Патеката ќе опфати дел од течението на реката, почнувајќи од населбата 8-ми Ноември во правец кон селото Караорман. Општина Штип денеска го распиша тендерот за избор на градежна компанија што ќе ги реализира градежните работи за овој проект. Вкупната должина на планираната велосипедска патека ќе изнесува 4.712 метри. Планирана вредност на инфраструктурниот зафат е 18.507.300 денари, односно околу 300.000 евра без вклучен ДДВ. Рокот за реализација на рекреативната велосипедска патека е заокружен на 12 месеци.
Градежните фирми имаат рок до 19 април за да ги достават своите понуди за учество во проектот. Локалните власти го најавија проектот за изградба на рекреативна велосипедска патека уште пред неколку месеци. Нивната идеја е инфраструктурата за овие превозни средства да се изгради надвор од градот, бидејќи самиот град поради конфигурацијата на теренот не дозволува можност за реализација на урбани велосипедски патеки.
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk