Претходна статија
Избори се ближат - проектот „Вардарска долина“ пак се актуелизира
Следна статија
Целосно реконструирани 12 Центри за вработување во земјава

Пролетна градежна офанзива на Општина Центар

Објавено на 24.03.2016 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски денеска најави нова градежна офанзива на територијата на оваа скопска општина, во рамките на која ќе се реализираат неколку проекти. Во градинката „13-ти Ноември“ ќе се одвива последната фаза од комплетната реконструкција на објектот. Зградата на училиштето „Гоце Делчев“ ќе се реконструира и догради со дополнителни простории. Општина Центар во претстојната пролет ќе изведе нова фасада и ќе ги промени вратите во О.У. „Димитар Миладинов“, додека во училиштето „11-ти Октомври“ е предвидено да се изведе партерно уредување, реконструкција на водовод и атмосферска канализација. Во делот на образовните објекти, градоначалникот Жерновски најави дека пролетва ќе започне и изградбата на новото основно училиште во Капиштец.

 

Пролетната градежна офанзива на Општина Центар вклучува и санација на инфраструктурната мрежа во централното градско подрачје. Целосно ќе се рехабилитираат четири улици во Буњаковец, каде што е предвидено да се постави монтажна катна гаража за дополнителен број на паркинг места. Во населбата Водно ќе се реконструираат 10 улици, ќе се изведе потпорен ѕид на улицата „Христо Чернопеев“ и спортско и детско игралиште на улицата „Питу Гули“. Во Дебар Маало ќе бидат санирани седум улици, а ќе се реализира и вториот дел од проектот „Боемски кварт“. За прв пат по неколку децении, Општина Центар во Маџир Маало ќе инвестира во комплетна инфраструктура, вклучувајќи реконструкција на три улици со нов водовод, канализација и атмосферско одводнување.

 

Со пролетната градежна офанзива ќе бидат опфатени и улиците „171“ во Крњево, „Адолф Цибровски“ позади Универзална сала и три улици во околината на „Адвокатската улица“. Во делот на Градскиот ѕид, предвидено е да се обноват 23.000 метри квадратни зелени површини, вклучувајќи го поставувањето нови детски игралишта и чуварска служба. Станува збор за површините кај Зелениот пазар, позади гимназијата „Јосип Броз Тито“, „Автомакедонија“ и на делот од булевар „Илинден“ до булевар „Партизански одреди“. Ново зеленило и пешачка патека ќе добијат улиците „Салвадор Аљенде“ и „Славејко Арсов“, а дрворед ќе се изведе на улиците „Загребска“, „Ристо Шишков“ и делот околу црквата „Св. Јован“. Спортско и детско игралиште ќе се гради на Кале.

 

Градоначалникот Андреј Жерновски информираше дека претстојната пролет ќе започне изведбата на шест нови енергетски ефикасни фасади на постојни станбени згради во центарот на Скопје. Тој воедно нагласи дека и годинава ќе се реализира проектот „Цел Центар на точак“.