Донесувањето на двата нови урбанистички планови во скопската општина Аеродром ги скараа водечките политички партии. Од опозицискиот СДСМ денеска истакнаа дека новиот ДУП за четврт И10 бил спорен од самиот почеток на неговото донесување, бидејќи локалната самоуправа го вметнала како дополнување на дневниот ред. „Кршејќи го повеќе пати Деловникот за работа, предлозите на СДСМ и коалицијата за одложување и симнување на точката од дневен ред беа одбиени од мнозинството на ВМРО-ДПМНЕ“, се вели во соопштението од СДСМ Аеродром.
* Зелената површина кај „Мајчин дом“, кадешто е предвидена изградба на објект со 10 ката и должина од 90 метри
Од опозициската партија го разбираат револтот на граѓаните, кој произлегува од веќе предвидените 48 нови згради и изградбата на четири нови висококатници во оваа скопска општина. Од СДСМ обвинуваат дека граѓаните често имаат прекин во водата за пиење, дополнувајќи дека жителите на населбата Острово ќе останат без паркинг места, спортски и детски игралишта и уреден зелен простор. Од оваа партија бараат одговор на прашањето колку згради е предвидено да се изградат со идниот ДУП за населбата Острово – дали станува збор за три или за 12 нови објекти.
Од ВМРО-ДПМНЕ реагираа на ваквиот став на опозициската партија СДСМ. Тие тврдат дека нема да се уништува зеленилото за изградба на нови згради. Од владејачката партија велат дека повеќе од 90 отсто од приходите на општините доаѓаат од комуналии, кои пак се слеваат во локалните буџети при изградба на нови објекти. „Локациите кои СДСМ си ги заокружувал и кои ги користи за да ги лаже и манипулира граѓаните се локации на кои се предвидени станбени објекти уште пред да биде формирана општина Аеродром. Изградбата на објекти на овие локации е испланирана уште во времето кога функционерите на СДСМ раководеа со тогашната општина Кисела Вода“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
ВМРО-ДПМНЕ во денешното соопштение објаснува дека со предложениот урбанистички план за населбата Острово е предвидено да се вметнат три нови локации за изградба на станбени згради на земјиште во приватна сопственост. Во однос на вториот ДУП за локалитетот Горно Лисиче, од владејачката партија велат дека ќе се решат постојните комунални проблеми на овој простор. „Со измените на другиот ДУП во Горно Лисиче се предвидува изградба на 30 нови згради на место кое е преполно со градежен шут, без зеленило, и претставува лоша слика за Општината и за Градот“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.