Претходна статија
Општина Чаир ќе го дислоцира споменикот на Скендербег
Следна статија
Владата ја блокира изградбата на училиштето во населбата Капиштец

Промовирана првата велосипедска рута од „Скопје велоград“

Објавено на 21.03.2016 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Со велосипедско дефиле што се возеше по должината на булеварот Илинден, а коешто го предводеше скопскиот градоначалник Коце Трајановски, денеска беа промовирани новоизградените и реконструирани велосипедски патеки од рутата 1 од проектот „СКОПЈЕ ВЕЛОГРАД 2017“. „Велосипедските патеки од рутата 1 овозможија поврзување на Гази Баба, преку центарот на градот со Карпош. Како дел од оваа рута, изградивме и реконструиравме велосипедски патеки во вкупна должина од 7.600 метри“ изјави градоначалникот Трајановски. Во зафатот беа инвестирани 48 милиони денари, а градежните работи ги изведуваше Ј.П. „Улици и патишта“.

 

* Извор на фотографии: Град Скопје

 

 

Со проектот беа обновени велосипедските патеки на булеварите Александар Македонски, Гоце Делчев, Крсте Мисирков, Илинден, и на улицата Беласица кај Скопскиот саем. Единствен прекин на оваа рута има кај трговската куќа „Мост“, каде во моментов се одвиваат градежни работи за изградба на плоштадот „Скендербег“. Градоначалникот Коце Трајановски додаде дека веќе интензивно се работи на изградба и реконструкција на велосипедската патека од рутата 2, со која треба да се поврзат Аеродром, Центар и Карпош со Ѓорче Петров.

 

 

 

„Во наредниот период ќе следуваат градежни работи и на рутата 3 којашто треба да ги поврзе Кисела Вода со Центар и Карпош и на рутата 4 којашто треба да ги поврзе Бутел, Чаир и Центар. Овој проект треба да заврши во 2017 година, но ние правиме напори поголемиот дел од најавените велосипедски патеки да ги завршиме во текот на оваа, 2016 година. Ќе напоменам и дека имаме одлична соработка со неформалната група „На Точак“, рече градоначалникот Трајановски.