Општина Куманово сака да ги вклучи граѓаните од овој град во претстојното уредување на градскиот плоштад во центарот на Куманово. На општинската веб-страница е поставен анкетен прашалник, со чие пополнување секој граѓанин може да даде свои предлози и идеи за реконструкција на јавниот простор. Општинските власти се интересираат за тоа која содржина му недостига на градскиот плоштад, но и дали улицата кај експозитурата на „Тутунска банка“ треба да се претвори во пешачка зона. Од Општина Куманово сакаат да добијат замисли од граѓаните за изгледот на улиците „Ленинова“, „Иво Лола Рибар“, „Илинденска“ и „Народна револуција“.
Со публикуваниот прашалник од граѓаните се бара да одговорат кои содржини не би сакале да ги има во иднина на градскиот плоштад, но и да предложат што сакаат да се промени во опкружувањето на овој јавен простор. Од Општина Куманово посочуваат дека доставените идеи и предлози од граѓаните можат да постанат дел од идниот проект за уредување на градскиот плоштад.