По подолг временски период, купувањето на нов стан за македонските граѓани станува атрактивна инвестиција. Домашните банки се отворени за одобрување на станбени кредити по каматни стапки кои никогаш порано не биле на толку ниско ниво. Цената на станбениот простор во Скопје, но и во другите македонски градови, се стабилизира и во моментов вредноста на овие недвижнини е најниска во изминативе пет години. Понудата на нови станови низ земјава се зголемува, а статистичките податоци покажуваат дека изборот во поглед на цената, големината, локацијата и квалитетот на изведба ќе стане побогат во текот на 2016 година.
Намалувањето на цената на становите во земјава го достигна својот максимум, со што граѓаните во моментов ја имаат најдобрата можност да купат нов стан. Државниот завод за статистика пресметал дека во 2015 година просечната цена на метар квадратен станбена површина во Скопје изнесувала 52.916 денари (860 евра). Цената во останатите македонски градови била 33.243 денари (540 евра) за метар квадратен станбена површина. Според Кварталниот извештај на Народната банка од февруари 2016 година, цената на становите во Скопје на крајот од 2015 година била стабилизирана, со мало намалување на нивната вредност.
Од Народната банка излегоа со позитивна прогноза за натамошниот раст на побарувачката на станови. „Во поглед на побарувачката на станови, постојаниот солиден раст на станбените кредити продолжи и во четвртиот квартал од 2015 година, што упатува на натамошно зајакнување на побарувачката“, посочуваат од централната банка. Одличните бројки кои стојат позади ваквото експертско мислење се повеќе од видливи. Во 2015 година се одобрени рекордно висок број на станбени кредити. Само во периодот јануари – септември 2015 година од страна на банките се доделени вкупно 3.639 кредити за купување на нов дом, фантастична бројка што не била остварена уште од 2007 година.
Причината за овие рекордни бројки лежи во големиот интерес на граѓаните. Дел од банките нудат станбени кредити со 10 години фиксна каматна стапка, а речиси сите банки ја имаат фиксирано висината на каматата во период од пет години. Каматната стапка во текот на 2016 година се очекува да биде на рекордно ниско рамниште, со што на секој заинтересиран му се овозможуваат поволни услови за купување нов стан. Покрај тоа што цената на становите е на најниско ниво во изминативе пет години, атрактивноста за купување на нов дом е голема и поради фактот што понудата на станови е зголемена.
Во тековната година може да очекуваме разновидност и квалитет во понудата на новоизградени станови. Во 2015 година било предвидено да се изградат 6.174 станови низ целата земја, што претставува најголема бројка од 2012 година па наваму. Започнатата постапка за градење во минатата година значи дека овие недвижности ќе им овозможат на граѓаните можност за уште поголем избор на станови во текот на 2016 година. Само лани во главниот град била зголемена понудата на станови за 9%, покажува истражувањето на консултантската куќа „Фортон Македонија“.
Дополнителен поволен момент за вложување во нов дом е државната политика за субвенционирање на граѓаните при купување на нова куќа или стан. Државата нуди поволни можности преку проектот: „Купи куќа, купи стан“ – до крајот на 2015 година по овој пат биле подигнати над 730 станбени кредити.
Сепак, најважен фактор за постојната атрактивност на овој вид на недвижности е понудата на станови со висок квалитет. Од 1 јануари 2015 година е воведена обврската за обезбедување енергетски пасош за сите новоградби за колективно домување, подигнати на ниво на целата земја. Оваа законска регулатива во наредниот период ќе ги штити сите граѓани што сакаат да купат нов стан. Почитувањето на мерките за енергетска ефикасност кај новите згради значи дека купените станови ќе добијат додадена вредност, и тоа преку загарантираните ниски сметки за грееење и за ладење на домот во текот на целата година.
Следејќи ги овие позитивни показатели, тековната година нуди исклучително поволна можност за инвестирање во овој вид на недвижности. Актуелната понуда на нови станови можете да ја најдете на едно место ТУКА. Информирајте се и дознајте повеќе за новите станбени објекти низ Скопје, и воедно контактирајте со изведувачите за да добиете понуда.