Општина Центар ги повикува граѓаните за соработка во функција на обезбедување на подобар велосипедски сообраќај во централното градско подрачје. Најдоцна до 22 март, сите оние лица кои го користат велосипедот како превозно средство ќе можат да одговорат на електронскиот прашалник, со чија помош локалната власт планира потоа да создаде соодветна политика за развој на велосипедизмот. „Се пополнува електронски и е наменет за сите граѓани на Скопје кои користат велосипед, но и за оние кои се заинтересирани во иднина да го користат и би сакале да се подобрат условите“, информираат од Општина Центар.
Проектот „Страва“ има и втора фаза, која се состои од истражување на движењето на велосипедистите во центарот на Скопје со помош на мобилни апликации. Следењето на движењето на вашиот точак ќе се одвива во периодот од 22 март до 22 април, а граѓаните можат да се вклучат во проектот со оставање на лични податоци на крајот од прашалникот. Во зависност од тоа каде најмногу се движат граѓаните со својот точак, ќе се формираат заклучоци за тоа кои патеки на движење се најкористени, но и со какви застои, пречки и проблеми се соочуваат велосипедистите. Општина Центар планира да ги искористи резултатите за натамошен развој на идната велосипедска инфраструктура на нејзина територија.
Проектот „Страва“ е изготвен во рамки на соработката меѓу Општина Центар, професори од Архитектонскиот факултет при УКИМ и волонтери од граѓанската иницијатива „На Точак“.