Претходна статија
Јануари носи помалку предвидени станови за градење во земјава
Следна статија
Се доградува ролерско - велосипедската патека од левата страна на Вардар

Опозицијата од скопски Аеродром е против нови висококатници

Објавено на 08.03.2016 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Либерално – демократската партија (ЛДП) е против изградбата на нови висококатници на местото на сегашните слободни површини на територијата на скопската општина Аеродром. Опозициската партија денеска соопшти дека пред самиот почеток на последната седница на Советот на општина Аеродром бил поделен материјал за советниците, во кој се содржани нацрт – одлуки за нови измени на деталните урбанистички планови во општината. Од ЛДП информираат дека ваквите предлози доаѓаат од градоначалникот на општина Аеродром, Ивица Коневски. Предложените точки биле вметнати на дневниот ред и изгласани од владејачкото мнозинство на ВМРО – ДПМНЕ и коалицијата.

 

 

 

Од ЛДП посочуваат дека во нацрт – урбанистичките планови се внесени маркички за 11 нови висококатници од 9 ката, на потегот од новата железничка станица и од зградата на „Неоком“ до објектот на Тинекс. Исто така, со втората нацрт – одлука се предвидува изградба на триесетина висококатници од 8 – 9 ката покрај реката Вардар, на потегот од Ново Лисиче до Долно Лисиче. Од ЛДП велат дека со оваа постапка на општина Аеродром ќе се појави недостиг на места за паркирање, а со тоа ќе се уништат и минималните предуслови за хумано живеење.

 

„Ваквото постапување на Коневски и ДПМНЕ во последните години ја претворија општината во место за целосно нехумано живеење, во која зелените површини постојано се уништуваат, каде постои енормно загадување на воздухот и редовно се создава сообраќаен хаос. Коневски и ВМРО – ДПМНЕ воопшто не ги информираат граѓаните за намерите за измени на деталните планови“, реагираат од ЛДП. Опозициските претставници од општина Аеродром очекуваат наскоро по итна постапка да се донесе и општинска одлука за конечно прифаќање на урбанистичките планови.

 

Иако беа прозвани за одговор на оваа тема, од општина Аеродром во текот на денешниот ден не излегоа со реакција и сопствено видување за укажувањата на опозициската партија ЛДП.