Граѓаните од населбата Карпош-4 се спротивставуваат на намерата на Општина Карпош за донесување на нов детален урбанистички план. Заедно со невладината организација „Плоштад Слобода“, граѓанската иницијатива „Ние сме Карпош-4“ изработија попис на сите дрвја во скопската населба. Со акцијата се регистрирани 3.008 дрвја, од кои близу 500 дрвја ќе се исечат ако во реалноста се изградат замислените паркиралишта и нови објекти во согласност со предвидениот ДУП за Карпош-4, кој во моментов е во постапка на донесување.
Пописот на дрвјата е направен во текот на ноември и декември 2015 година, на поголем дел од површината опфатена со ДУП „Градска четврт 3 02“. „Податоците од овој попис, во комбинација со предвидените податоци и планирани изградени површини според ДУП-от кој е во процедура, даваат приказ за размерот на уништување на урбаната животна средина, кое е овозможено со изгласувањето на овој урбанистички план“, стои во студијата. Реализираната акција е само една од предвидените активности што е планирано да се спроведат во натамошниот период.
Жителите на Карпош-4 на почетокот од годинава протестираа против донесувањето на новиот урбанистички план за населбата. На иницијатива на граѓаните, во оваа скопска општина се собраа околу 2.600 потписи за распишување на референдум во врска со усвојувањето на новиот ДУП. Раководството на Општина Карпош не прифати да распише референдумот по ова прашање, додека граѓаните не успеаја да го соберат минималниот број на потребни потписи. Истовремено, граѓаните во текот на август 2015 година изготвија граѓанска петиција со 2.542 потписи од жители на населбата Карпош-4 против усвојувањето на спорниот урбанистички план.
Ако се донесе новиот ДУП за Карпош-4, на постоечкиот јавен простор во населбата ќе може да се изградат три нови нови станбени згради, три нови деловни објекти, 11 надземни и осум подземни паркинзи за возилата.
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk