Силни придвижувања се забележани кај македонскиот транспорт во текот на 2015 година. Според податоците на Државниот завод за статистика, железничкиот сообраќај по неколку години повторно бележи позитивни резултати од работењето. Лани со воз биле транспортирани 1.022.000 патници, што претставува зголемување на бројот на патници од над 200.000 во однос на 2014 година. Македонски железници – Транспорт во последниот квартал од 2015 година превезле 352.000 патници, односно 58,6% повеќе во споредба со истиот период од претходната година. Позитивното работење во патничкиот сообраќај е придружено со негативни резултати кај товарниот превоз, кој во периодот октомври-декември бележи пад од дури 32%.
Воздухопловниот превоз лани го користеле 1.552.137 патници, при што само во последниот квартал е забележан раст од 29,9%. Во овие бројки не е вклучен транзитот. Спротивно од ова, констатирано е намалување од 10,3% кај товарниот транспорт со авиони од македонските аеродроми. Главен добитник кај превозот на стока се камионските транспортери, кои лани успеале да достават 36.513.000 тони стока до посакуваните одредишта. Растот само во последниот квартал од 2015 година изнесувал 39,7%.
Во сферата на транспортот, најголем губитник минатата година се автобуските превозници на меѓуградски релации. Со патнички патен превоз лани биле транспортирани 8.074.000 патници, при што само во четвртиот квартал од 2015 година е забележано опаѓање од 31,5% во споредба со идентичниот период од 2014 година. Во градско – приградскиот транспорт лани биле превезени 80.316.000 патници. Државниот завод за статистика изработува четири квартални извештаи годишно за превезените патници и стоки од македонските транспортери.
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk