Претходна статија
Ќе се менува документацијата за реконструкција на Универзална сала
Следна статија
ДЕБАТА: Урбанизмот заглавен во спрегата политика - капитал

„Скопски саем“ го продава земјиштето за мега – проектот „Ера Сити“

Објавено на 02.03.2016 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

По осум години од поставувањето на камен темелник за мега – проектот „Ера Сити“, земјиштето на кое требаше да се гради комплексот оди на продажба. „Скопски саем“ нуди на продажба градежно земјиште со површина од околу 80.000 метри квадратни, поделено на четири парцели. Потенцијалните купувачи треба да достават писмо за интерес до „Скопски саем“, по што сопственикот на земјиштето ќе започне необврзувачки разговори околу најавената продажба. Инвеститорите може да купат различен број од понудените парцели, за кои важи постоечката урбанистичка документација.

 

 

 

На примамливата локација е зацртано да се градат станбени згради, деловни објекти, спортски игралишта, трговски центри, културни зданија и објекти за државната администрација. Најмалата парцела огласена за продажба се протега на 4.000 метри квадратни, додека најголемата е со површина од 55.000 метри квадратни. Ако не е задоволен од понудените пријави на инвеститорите, „Скопски саем“ го задржува правото да не го продава огласеното земјиште.

 

Приказната за реализација на комплексот „Ера Сити“ започна во 2008 година, со почетокот на градежните работи врз првата деловна зграда со планирана површина од 33.600 метри квадратни. Во меѓувреме, градежните работи на терен беа стопирани, па така на оваа локација во моментов е изведена единствено градежната јама. Во 2013 година беше најавено дека меѓународната групација „ТриГранит“ заедно со словенечката групација „Ера“ ќе градат трговски центар, забавен центар, деловни објекти и хотел, но и овој проект изостана.

 

» Форумска дискусија за овој проект

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk