За прв пат од нејзината изградба пред неколку децении, прилепската болница „Борка Талески“ минува низ обемен реконструктивен зафат. Веќе цел месец наназад се одвиваат градежни работи за санација на здравствениот објект. Проектот опфаќа промена на подовите, плафоните и електричната инсталација, вградување на четири нови лифтови, како и реконструкција на и операционите сали и санитарните јазли. Со тековните активности ќе бидат опфатени сите болнички одделенија. Очекувањата се дека претстојното лето ќе се комплетира целосната обнова на општата градска болница.
Прилепската болница „Борка Талески“ се реконструира со средства од државниот буџет. За реализација на реконструктивниот зафат се обезбедени финансии во висина од 68.772.866 денари, односно околу 1,1 милион евра. Изведувач на градежните работи е прилепската фирма „Теракота инженеринг“. Тендерот за спроведување на реконструктивниот зафат беше објавен кон крајот на минатата година.