Министерството за образование и наука денеска објави два тендери за изградба на нови и за реконструкција на постојните училишни објекти во неколку општини низ земјава. Со финансиски средства од буџетот на Република Македонија е планирано да се доврши започнатиот објект на училиштето „7-ми Март“ во тетовското село Челопек, да се изведе ново крило на постојната зграда на училиштето „Сали Лиси“ во тетовското село Добридол и да се догради постојниот објект на средното школо „Нико Нестор“ во Струга. Тендерската постапка за доставување на понуди во врска со овие зданија е отворена до 16 март.
Со реконструкција ќе бидат опфатени училиштата „Илинден“ во паланечкото село Мождивњак, „Истикбал“ во тетовското село Гајре, „Ѓорче Петров“ во долненското село Секирци, „Ибраим Темо“ во тетовското село Ларце, „Димитар Влахов“ во скопската населба Кисела Вода, како и средните школи „8-ми Септември“ во Тетово и „Ацо Русковски“ во Пехчево. Градежните компании имаат рок до 17 март за да ги достават своите понуди за учество во тендерската постапка. За изградбата и реконструкцијата на овие 10 училишни згради низ македонските општини се проценува дека ќе бидат потребни околу 1,7 милиони евра.