Претходна статија
Државата дозволи граѓаните да прават надградби во спротивност со урбанистичките планови
Следна статија
До претстојното лето ќе заврши реконструкцијата на прилепската болница

Катастар: Проценка на сите недвижности во рок од две години

Објавено на 24.02.2016 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Агенцијата за катастар на недвижности во втората половина од годинава ќе го започне обемниот процес за проценка на вредноста на сите недвижности што се лоцирани на територијата на Република Македонија. Постапката ќе трае две години и во неа ќе учествуваат катастарски службеници и волонтери, кои ќе ја реализираат задачата преку теренска контрола за проценка на секој поединечен објект. Од Катастарот наведуваат дека процесот ќе се реализира во соработка со Комората на проценители и во неа ќе се користат шведските искуства. Активностите за масовна проценка на недвижностите започнаа во март 2015 година, кога се оформи Регистарот на цени и закупнини за недвижности.

 

 

 

Собраните податоци на ниво на целата земја треба да понудат транспарентна вредност на сите видови недвижности – станбен и деловен простор, земјоделско земјиште, градежно земјиште, инфраструктура, со што ќе им се олесни во работата на банките, бизнис секторот, осигурителните друштва, инвеститорите, но првенствено ќе им се помогне на граѓаните.

 

Според податоците на Агенцијата за катастар на недвижности, од март до декември 2015 година во Регистарот на цени и закупнини за недвижностите се регистрирани 20.137 трансакции на недвижности, од кои 60 проценти се купопродажби, а 40 проценти закупи. Од обработените податоци, во Скопје се евидентирани 552 стана со просечна вредност од 51.870 денари за метар квадратен, во Битола просечната цена изнесува 31.155 денари, додека во Штип 29.958 денари.