Претходна статија
Распишани тендери за изградба и реконструкција на 10 училишта
Следна статија
Катастар: Проценка на сите недвижности во рок од две години

Државата дозволи граѓаните да прават надградби во спротивност со урбанистичките планови

Објавено на 24.02.2016 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Деталниот урбанистички план ја губи својата функција во делот на изградбата на станбените куќи. Републичкото Собрание вчера го усвои ваквиот преседан преку предложените измени на Законот за градење што ги предложи македонската влада. Без да бидат впишани во актуелен урбанистички план, државата им дозволи на граѓаните да вршат надградби на нивните куќи, во случаи кога тоа не е предвидено со урбанистичката документација. Надградбата на објектите за индивидуално домување може да се реализира до максимална висина од 10 метри и 20 сантиметри.

 

 

 

За усвоените измени во законската регулатива денеска информираше министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски. Оваа мерка предложена од македонската влада се однесува единствено за оние куќи што имаат валидно одобрение за градење. „Доколку имате куќа и сакате да вршите надградба, прво од општината мора да поднесете барање за одобрение за градење, се разбира, со претходно изработен проект за градба. Без разлика дали надградбата на вашиот објект е предвидена во урбанистичката планска документација, општината по сила на закон мора да ви издаде одобрение за градење и да дозволи да го надградите својот објект“ рече министерот Мисајловски.

 

Првиот човек на Министерството за транспорт и врски денеска истакна дека измените во Законот за градење се направени во соработка со локалните самоуправи и со граѓаните. Интервенцијата во законот следувала по бројните поплаки од граѓани дека чекаат и по неколку години за да ги прошират своите куќи поради тоа што општините не ја менуваат урбанистичката документација.