Министерката за култура Елизабета Канческа – Милевска на денешната прес конференција најави реконструкција на големата сала на Македонската опера и балет (МОБ). Меѓународно признатото архитектонско дело ќе претрпи ентериерна реконструкција, за која веќе е изработен проект. Со градежниот зафат ќе се реконструира подот и електричната инсталација, ќе се заменат сите 850 седишта во гледалиштето и ќе се постават лед – екрани за претставите. Тендерот за избор на изведувач на работите ќе се распише во март, а зафатот би се реализирал од јуни, во период кога МОБ нема изведби. За да се подобрат условите за работа, во МОБ веќе се реализираше вградувањето на нов систем за греење и ладење на просториите.
Оригиналниот проект за МОБ го имаат изработено словенечките архитекти Стефан Кацин, Јуриј Принцес, Богдан Сплиндер и Марјан Уршич од „Биро 77“. Скулптуралната архитектура која се спушта кон реката Вардар датира од 70-тите години на минатиот век – изградбата завршила во 1979 година.