Претходна статија
Градот Скопје ќе ја уредува пештерата Убава
Следна статија
Два студентски дома ќе се градат во Скопје и Тетово

Објектите околу плоштадот „ВМРО“ ќе преминат во „барок“

Објавено на 22.02.2016 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Уште седум препознатливи објекти во центарот на Скопје ќе се преслечат во „барок“. Градот Скопје изготви идејни решенија за промена на фасадите на трговскиот центар „Палома Бјанка“, ТЦЦ Плаза, објектот на Лотарија на Македонија, поранешната зграда на „Центро“ и на уште три други објекти во близина на плоштадот „ВМРО“. Авторски труд во стилот на „Скопје 2014“ е избран за уште една зграда лоцирана на плоштадот „Карпошово Востание“. Според податоците од Бирото за јавни набавки, „Палома Бјанка“ како авторско дело на Трајко Димитров ќе се реконструира врз основа на изработениот труд на архитект Миодраг Никитовиќ.

 

 

 

Промената на фасадата на објектот ТЦЦ Плаза ќе се реализира според идејното решение на Петар Паскалиев. Барокизацијата на останатите четири згради е предвидено да се спроведе според избраните трудови на Жарко Чаушевски. Сите овие архитекти ќе се стекнат со прва награда во износ од 50.000 денари. Од другата страна на реката Вардар, авторите Никола Стакинов и Лазар Димов победија на архитектонскиот Конкурс за изработка на идејно решение за објектот на улицата Црвена скопска општина, број 58. Тие двајца ќе се стекнат со прва награда во вредност од 187.500 денари.

 

Градските власти имаат намера целосно да го променат ликот на оние објекти што се лоцирани на плоштадот „ВМРО“ и „Карпошово востание“. Процесот на барокизација следува по изградбата на новиот скопски плоштад „ВМРО“, кој беше финансиран со пари на граѓаните на Град Скопје во текот на изведбата на новото седиште на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ.

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk