Започнаа градежните работи за реконструкција на велосипедската патека на булеварот „Јане Сандански“ во општина Аеродром. Реконструкцијата на оваа патека е дел од втората рута од капиталниот проект за подобрување на велосипедската инфраструктура во главниот град „Скопје Велоград 2014-2017“. Втората рута од овој проект е со вкупна должина од 11 километри и истата ги поврзува општина Аеродром, преку општините Центар и Карпош со општина Ѓорче Петров. Истата ги опфаќа булеварите „Февруарски поход“, „Видое Смилевски Бато“, „Јане Сандански“, „Кузман Јосифовски Питу“, „Кеј 13 Ноември“, плоштад „Македонија“, булевар „ВМРО“ и булевар „Партизански одреди“ до Порта Влае.
* Извор на фотографии: Град Скопје
Велосипедските патеки долж скопските булевари ќе бидат асфалтни и ќе се протегаат од двете страни на коловозот, додека на потегот од „Кеј 13 Ноември“ до булевар „ВМРО“ патеката ќе биде од страна и ќе биде двонасочна. Со градежниот зафат ќе се дислоцираат сите постојни пречки за движење на велосипедистите, ќе се постават рампи на крстосниците и заштитни столбови по должината на патеките. Дополнително ќе се постави адекватна хоризонтална и вертикална сигнализација.
Втората рута на велосипедски патеки опфаќа изградба на нов простор за движење на велосипедистите на булеварите „Февруарски поход“, „Видео Смилевски Бато“ и „Кеј 13 Ноември“, но и реконструкција на постојните патеки на другите сообраќајници. Градот Скопје во моментов ги привршува активностите и за целосно завршување на првата рута на велосипедски патеки, која од општина Гази Баба минува низ општините Центар, Карпош и завршува во Ѓорче Петров.
Со реализација на проектот „Скопје велоград“ до 2017 година ќе се реконструираат и изградат велосипедски патеки во главниот град со вкупна должина од 51 километри. Сите тие минуваат низ скопските булевари и улици, поделени на четири главни рути во насока исток – запад и седум конектори што се протегаат во насока север – југ.