Во последниот месец од минатата година е забележан раст на вкупниот број на станови што треба допрва да се градат низ земјава. Според податоците на Државниот завод за статистика, македонските општини во текот на декември 2015 година издале одобренија за градење на 919 станови, со вкупна корисна површина од 65.430 метри квадратни. Градежните компании ја започнале постапката за изведба на 715 станбени единици со површина од 42.227 метри квадратни, додека преостанатите живеалишта ќе ги градат физички лица. Изразено во проценти, растот кај бројот на предвидени станови изнесува 15,6% во однос на декември 2014 година, додека вкупната корисна површина на домовите во истиот период е зголемена за 1,5%.
Од аспект на квадратурата кај овој вид на недвижности, инвеститорите се првенствено заинтересирани за изградба на трисобни (336) и двособни станови (307). Како и во однос на претходните месеци, скопскиот регион со 514 предвидени станови за градење предничи на ниво на целата земја во делот на изградба на нови колективни згради и индивидуални куќи за домување. Општина Аеродром со 428 предвидени станови за градење била најатрактивна локација за инвестирање, а по неа следуваат Општина Штип со 169 станови и Општина Струмица со 68 станови што допрва треба да се градат.
Во согласност со информациите на Државниот завод за статистика, во декември 2015 година се издадени 336 одобренија за градење, што е за 10,2% повеќе во однос на истиот период од претходната година. Предвидената вредност на објектите изнесува 4.860.616.000 денари, што е за 40% повеќе во однос на идентичниот период лани. Од вкупниот број издадени одобренија за градење, 216 (64,3%) се наменети за објекти од високоградба, 49 (14,6%) за објекти од нискоградба и 71 (21,1%) за објекти за реконструкција. Од вкупно 336 зданија, кај 216 (64,3%) како инвеститори се јавуваат физички лица, а кај 120 (35,7%) објекти инвеститори се деловни субјекти.
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk