Општина Илинден распиша оглас за избор на градежна фирма што ќе ја реализира втората фаза од изградбата на пешачко – велосипедската патека во Марино. Патеката ќе се гради по должината на улицата „532“, од пешачкиот мост над каналот „Главен канал – горна зона“ до влезот во ова населено место. Локалната самоуправа проценила дека вредноста на втората етапа од проектот изнесува 12.288.136 денари, односно околу 200.000 евра без вклучен ДДВ. Заинтересираните фирми за учество на распишаниот оглас имаат рок до 29 февруари за да ги достават своите понуди до Општина Илинден.
Пешачко – велосипедската патека во скопското село Марино е предвидено да се состои од пешачка патека, рекреативна и велосипедска патека, патека за ролери и скејтборди, спортски реквизити за рекреација, како и ново зеленило. Долж целата траса ќе биде поставено улично осветлување. Идејното решение е изготвено од фирмата „Проект Инженеринг“ од Скопје. Локалната самоуправа на почетокот од октомври 2015 година склучи договор со А.Д. „Карпош“ од Скопје за изведба на првата фаза од проектот, за која беа одвоени околу 14,3 милиони денари.