Народната банка на Македонија пресметала минимален раст кај цената на становите во главниот град на крајот од 2015 година. Податоците објавени во Кварталниот извештај за последното тримесечје од минатата година говорат дека растот на годишната основа во четвртиот квартал изнесувала 0,9%, наспроти годишниот пад на цената на становите од 3,5% во третиот квартал. Од централната банка не можат да дадат прецизна прогноза дали промената во последниот квартал лани е од постојан или од привремен карактер. „Во прилог на ова е и констатацијата дека по изразено надолниот тренд во претходните години, во просек за 2015 година, цените на становите се релативно стабилни задржувајќи се на нивото од 2014 година“, се наведува во публикуваниот извештај.
Од аспект на понудата и побарувачката на овој вид недвижности во Скопје, показателите не укажуваат на значителни промени кај цената на становите во наредниот период. Изградбата на станбени згради бележи солиден годишен раст во првите девет месеци од речиси 17%, а слична динамика е забележана и кај податоците за одобренијата за високоградба. Од Народната банка на Македонија констатираат дека веќе постоечкиот солиден раст на одобрени станбени кредити продолжил и во четвртиот квартал од 2015 година.
Пресметката за вредноста на живеалиштата во македонската метропола е изразена како хедонички индекс на цената на становите, врз основа на огласите за продажба на станови во Скопје, објавени од агенциите што се занимаваат со промет со недвижности.
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk