Претходна статија
Наскоро реконструкција на булеварот „Христијан Тодоровски Карпош“ во општина Чаир
Следна статија
Во Прилеп изградена зграда со 76 социјални станови

Општина Центар и во 2016 година ќе инвестира во термички фасади

Објавено на 02.02.2016 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Дотраените фасади на постарите згради во централното градско подрачје и годинава ќе го добијат должното внимание од Општина Центар. Локалните власти досега успеаја да ја реконструираат надворешноста на осум станбени згради во центарот на Скопје, а последна од низата инвестиции е објектот на булевар „Мито Хаџивасилев – Јасмин“ број 30. Зградата, популарно наречена „Сава Крањ“, по 56 години доби термичка фасада, со што се спроведоа неопходните мерки за енергетска ефикасност. „Зафатот, кој го направи Општина Центар, е на 4.800 метри квадратни. Граѓаните, освен нова модерна фасада, добиваат и за 1/3 пониски сметки за греење. На барање на станарите, бојадисани се и надворешните врати, офарбани се и оградите на терасите и лоѓиите, поставени се дополнителни и поголеми олуци“, посочуваат од Општина Центар.

 

* Извор на фотографии: Општина Центар

 

 

Локалните власти планираат да го обноват зеленилото околу објектот, но и да го реконструираат детско игралиште позади оваа зграда. Изведбените работи на новата термичка фасада ги реализираше фирмата „Тетрагон МК“ од Скопје, при што од општинскиот буџет за оваа намена беа издвоени 13.698.694 денари. Општина Центар во претстојниот период ќе ја отпочне санацијата на постоечките фасади на зградите лоцирани на улицата Владимир Полежаноски број 19 и на булеварот Илинден број 83. За новите термички фасади ќе се одвојат дополнителни финансиски средства од 8.972.008 денари.

 

* Зградата „Сава Крањ“ пред реконструктивниот зафат

 

 

Од Општина Центар посочуваат дека реконструираниот објект кај „Сава Крањ“ има посебно значење за градот. При оформувањето на Градскиот ѕид, водено е сметка постоечката станбена зграда да постане дел од овој комплекс со поместување на соседните кули. Самата зграда за колективно домување е изградена во далечната 1960 година.

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk