Претходна статија
Новиот кинески воз - нов предмет на конфронтација помеѓу политичките партии
Следна статија
За шест месеци ќе биде реконструиран блокот А од домот „Гоце Делчев“

ТЕМА: Владиниот „Купи куќа, купи стан“ со минорен удел во доделените станбени кредити

Објавено на 31.01.2016 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Прашај за „Купи куќа, купи стан“, но во реалноста земи си некој од кредитите што ги нудат комерцијалните банки. Ефикасноста на владиниот проект за субвенционирани станбени кредити се доведува под прашање пред официјалните статистички податоци на Народната банка и на самото Министерство за финансии. И покрај тоа што владее интерес за информации за поволностите што ги нуди македонската влада, повеќето од граѓаните на крајот сепак се одлучуваат да подигнат стандарден банкарски кредит за купување на стан или за изградба на куќа. Според податоците на Народната банка на Република Македонија, македонските банки во периодот јануари – септември 2015 година доделиле вкупно 3.639 кредити на оние граѓани кои ги исполниле условите за оваа поволност.

 

 

 

Од централната банка констатирале дека постои раст кај одобрувањето на станбени кредити за граѓаните во земјава, но се поставува прашањето колку од сите овие кредити се издадени под субвенционирани услови што ги нуди владиниот проект „Купи куќа, купи стан“. Министерот за финансии Зоран Ставрески кон крајот на декември 2015 година ги изнесе податоците за досегашниот успех на владиниот проект. Тој напомена преку „Купи куќа, купи стан“ над 730 лица ја добиле можноста да купат стан, или пак, да изградат сопствена куќа. Станува збор за збирни резултати од проектот што трае четири години, кои покажуваат дека просечно во текот на една година преку владиниот проект биле одобрени само 180 станбени кредити под субвенционирани услови.

 

Исклучително ниската стапка на одобрени субвенционирани кредити со помош од државата може да се дополни со збирните податоци за вкупно одобрените кредити од комерцијалните банки во изминативе четири години. Од 2012 година до третиот квартал од 2015 година, домашните банки им овозможиле да дојдат до станбен кредит на 9.688 граѓани. Ова значи дека владиниот проект „Купи куќа, купи стан“ покрива единствено околу 7,5% од вкупниот број на граѓани кои се одлучиле долгорочно да се задолжат кај банките за стекнување на нов дом. Успехот на владиниот проект е уште помал, ако се земе во предвид фактот дека официјалните податоци од Народната банка се однесуваат единствено за периодот до септември 2015 година, наспроти бројките од Министерството за финансии што го опфаќаат периодот до крајот на 2015 година.

 

Владиниот проект „Купи куќа, купи стан“ беше официјално стартуван на 25 јануари 2012 година. Помпезните најави на централната власт беа дека со субвенциите од државниот буџет ќе им се олесни на граѓаните за да стигнат до нова куќа или стан во своја сопственост. Успехот на владиниот проект е со мал импакт меѓу граѓаните, и покрај тоа што во изминативе четири години се отвори посебна веб – страница за проектот, се организираа промотивни каравани низ градовите, па дури се направи и посебен саем во Скопје наменет за запознавање на граѓаните со проектот „Купи куќа, купи стан“. Последната одлука на македонската влада е тимови од Министерството за финансии да одат во 33 општини во земјава, со цел да ги запознаат граѓаните со придобивките од овој проект.

 

Граѓаните ќе ја имаат можноста да се информираат за „Купи куќа, купи стан“ во подрачните единици на Управата за имотно – правни работи лоцирани во 29 општини, додека во Демир Хисар, Делчево, Крушево и Неготино тимовите на министерството ќе работат во канцелариите на Управата за јавни приходи. Како и во изминативе четири години, граѓаните ја имаат можноста до крајот на годинава да аплицираат со свое барање за субвенциониран станбен кредит во некоја од експозитурите на осум македонски банки.

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk