Претходна статија
Граѓаните повторно го критикуваат донесувањето на ДУП-от за Карпош 4
Следна статија
Во сабота протест против новите ДУП-ови за Карпош 3, Карпош 4 и Тафталиџе

Годинава тендери за изградба на далноводот кон Албанија

Објавено на 21.01.2016 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Тендерот за избор на компанија што ќе го гради 400 kV интерконективен далновод кон Албанија ќе биде објавен до третиот квартал годинава. Во првите три месеци се очекува распишување на тендер за избор на консултантска куќа што ќе ги реализира советодавните услуги за остварување на проектот. Според информациите објавени од Европската банка за обнова и развој, проектот вреден 49 милиони евра е составен од изградба на 400/110 kV трансформаторска станица во Охрид и нејзино поврзување со постојниот објект „Битола 2“, како и изградба на далновод од новиот објект во Охрид до албанско – македонската граница. Со инфраструктурниот зафат ќе се изведат 110 – киловолтни врски и проширување на бројот на трафостаници во охридскиот регион.

 

Од ЕБРД соопштуваат дека сите овие активности се дел од првата фаза од проектот за изведба на далновод од Битола до Елбасан, со должина од 95 километри. Државната компанија МЕПСО во декември минатата година го потпиша договорот за подигање на заем во висина од 37 милиони евра за реализација на овој проект. Покрај тоа што ќе се поврзат електроенергетските системи на Македонија и Албанија, со инфраструктурниот зафат засекогаш ќе се решат проблемите со снабдување на електрична енергија во охридскиот регион, кои повремено се јавуваа во минатите години во текот на зимскиот период. „Проектот ќе обезбеди суштинска прекугранична инфраструктура, испорачувајќи го своето влијание преку проширување на конкурентските врски на пазарот и воспоставувајќи стандарди за корпоративно управување“, посочуваат од ЕБРД.

 

Со претстојниот проект ќе бидат реализирани и компоненти за засилување на мрежата на македонскиот електроенергетски систем, вклучувајќи надградба на СКАДА системот, изработка на систем за ефектите на електричните автомобили врз македонската електропреносна мрежа и обезбедување на хардверски и софтверски компоненти за подобрување на енергетските прогнози кај производствените капацитети што ги ползуваат обновливите извори на енергија.

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk