Граѓаните и правните лица од денеска може да нарачаат податоци од Катастарот преку веб-страницата http://ossp.katastar.gov.mk/OSSP. Со новиот дистрибутивен систем, Агенцијата за катастар на недвижности им овозможува на сите граѓани и правни лица во три чекори да обезбедат имотен лист на многу едноставен начин. Директорот на Катастарот, Славче Трпески посочи дека првиот чекор за секој субјект треба да биде пребарување на саканиот имотен лист преку број на катастарска парцела, број на имотен лист, или со директна селекција од мапа, вториот чекор е додавање во кошничка за купување и негово плаќање преку интернет, а третиот чекор е преземање на имотниот лист кој е електронски потпишан и е јавна исправа.
Дистрибутивниот систем ќе биде достапен преку Интернет 24 часа за сите физички и правни лица од земјава и од странство. Во зависност од желбата и потребата на корисникот, бараните податоци може да се добијат во дигитална или хартиена форма. Дигиталните податоци се за 20% поевтини од документот во хартиена форма. „Имотен лист во електронска форма ќе чини 150 денари, а доколку се порача преку дистрибутивниот систем во хартиена форма ќе изнесува 183 денари и уште 70 денари за поштенски трошоци“, истакна директорот на Агенцијата за катастар на недвижности.
Издадените податоци во електронска форма се официјално достапни податоци потпишани со дигиталниот сертификат на Агенцијата за катастар на недвижности и се јавни исправи кои можат да се користат пред други државни органи, банки и други институции. Хартиените имотни листови ќе им бидат доставени на граѓаните и на правните лица на адресата наведена во барањето преку брза пошта.