Во континуитет се одолговлекува санацијата на споменикот „Македониум“ во Крушево. И покрај тоа што беше најавена за 2015 година, реконструкцијата на фасадата и обновата на витражите ќе се реализираат во некоја од наредните години. Заводот и музеј – Прилеп дури денеска објави оглас за реализација на проектот за реконзервација и тековно одржување на архитектурата и витражите на еден од најзначајните архитектонски симболи на Република Македонија. Санациониот зафат ќе се спроведува во период од 24 месеци. Според информациите од Бирото за јавни набавки, „Македониумот“ во Крушево треба да биде целосно реконструиран најдоцна до 29 декември 2017 година.
При последната посета на Крушево, министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска вети дека наредната година ќе почне процесот на санација на маркантното здание. Досега единствено е завршена оградата на „Македониумот“, која ќе биде долга вкупно 980 метри. Споменичниот комплекс во претстојниот период ќе биде хортикултурно уреден, со што истиот ќе прерасне во организирана целина. За реализираното оградување беа издвоени 2,8 милиони денари, додека проценетата вредност на претстојната реконструкција на објектот ќе чини 7,5 милиони денари, без вклучен ДДВ.
Споменикот „Илинден“ во Крушево е дело на македонскиот скулптор Јордан Грабулоски и архитектката и уметница Искра Грабулоска. Отворен е за посетителите на 2 август 1974 година, по повод одбележувањето на 30-годишнината од заседанието на АСНОМ.
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk