Архитектите Сергеј Никољски и Иван Мирковски од проектантските куќи Никољски – Виена и Смарт Ливинг – Скопје се овогодишните добитници на Големата годишна награда на Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ) за објектот „Куќа на Водно“ на улицата Питу Гули бр. 33. Претседателот на Р.М. Ѓорѓе Иванов, во својство на покровител на манифестацијата, им ја врачи архитектонската награда на годинешните добитници.
*Извор на фотографии: Асоцијација на архитекти на Македонија
Оваа традиционална награда на ААМ се доделува за најуспешно реализиран објект на територијата на Република Македонија во текот на 2015 година. На распишаниот повик од ААМ се пријавиле седум авторски труда, кои беа вклучени во процесот на селекција од Комисијата за доделување на наградата, под претседателство на архитект Мартин Гулевски.
„Особена чест ни е што можеме да кажеме дека во едни деликатни услови, архитектурата успеа да покаже виталност и неуништивост. И покрај најлошиот период во историјата на нашата архитектура, сепак, квалитетната архитектура никој не може да ја сопре“, порачуваат од Асоцијацијата на архитекти на Македонија. Големата годишна награда на ААМ годинава се додели по 21-ви пат од нејзиното основање.
Покрај проектот „Куќа на Водно“, во процесот на селекција годинава беа вклучени и објектите: Куќа 2Б, доградба и надградба на индивидуална куќа на ул. „Славеј Планина“ бр.6 – Скопје, катна гаража „Разловечко востание“ – Скопје, станбен објект на ул. „Козара“ бр.28, станбено деловен објект „Кино Карпош“ на ул. „Благој Давков“ бр.56 – Скопје, тренинг центар на ФК „Вардар“ – Скопје и станбено деловен објект на ул. „Партизанска“ бр.106 – Скопје.