За три години ќе се издигнат конаците на манастирот Трескавец. Фирмата „Кото инженеринг“ од Белград е избрана за изведувач на севкупните работи за конзервација, реставрација и реконструкција на конаците на манастирот Трескавец во Прилеп. Обновата на вредниот културно – историски споменик ќе чини 101 милиони денари. Изведувачот ќе го спроведе сложениот процес врз основа на веќе изготвен основен проект.
* Извор на фотографија: Влада на Р.М.
Во наредните месеци треба да се подготви теренот за реализација на проектот, а интензивните работи за обнова на опожарените конаци треба да почнат во март 2016 година. Со зафатот е зацртано да се врати автентичноста на објектите од најстарите достапни фотографии за манастирот од 1846 година. Во претстојните три години треба да се обнови западниот, источниот и северниот конак. Уништувањето на конаците е последица на катастрофалниот пожар што го зафати манастирскиот комплекс на 4 февруари 2013 година.