„Театарот на Навигаторот Цветко“ и „Локомотива – Центар за нови иницијативи во уметноста и културата“, во соработка со општина Центар на 22-ри и 23-ти декември, официјално го отвораат новиот културен проект во Скопје – „Кино Култура“. Лоцирано на централната пешачка зона во Скопје, во објектот на некогашното кино „Култура“, проектот повторно треба да го оживее независниот сценски простор, на кој ќе има театарска програма од македонски и светски автори. Култниот објект, кој цели 15 години не работеше и беше оставен на забот на времето, доби нов изглед, со реконструирано гледалиште со капацитет од 180 седишта.
*Извор на фотографии: Општина Центар
Проектот треба да го возобнови урбаниот простор за современи изведувачки уметности, образование, социјален развој и за развој на заедницата, простор кој недостигаше во Скопје подолг временски период по затворањето на некогашните културни центри „Точка“ и „ЦК“.
Градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски посочи дека за советниците и вработените во општина Центар е огромна честа што го поддржуваат овој проект. „Ова не е проект само за општина Центар, туку и за Скопје и за цела Македонија. Живееме во време на девалвирање на културата и културните работници. Затоа со овој проект сакаме да ги гледаме повторно прекрасните претстави“, истакна градоначалникот Жерновски.
Просторот во „Кино Култура“ ќе биде наменет за професионалците и граѓаните на општина Центар, при што учениците од оваа скопска општина ќе можат бесплатно да ги следат претставите. Слободан Унковски, уметнички директор на „Театарот на Навигаторот Цветко“ посочи дека „Кино Култура“ нема да биде под влијание на Министерството за култура и никој од таму нема да одлучува за репертоарот.
Биљана Тануровска Ќулавковски, извршен и програмски менаџер на „Локомотива – Центар за нови иницијативи во уметноста и културата“, истакна дека допрва следи предизвикот „Кино Култура“ да се прошири во простор на современата култура и уметност. „Кино Култура“ ќе ја реализира програмата „Заедно“, која ќе значи отворање кон заедницата, овозможувајќи им на младите и на децата да работат заедно со еминентни уметници.
„Кино Култура“ е сместено во авангардното здание на некогашното истоимено кино, објект изграден во 1938 година од Никофор Костиќ и Дича Филота. Како своевиден споменик на борбата на македонскиот народ за воспоставување на свој културен идентитет, првата претстава на македонски јазик во Скопје е одиграна помеѓу ѕидовите на оваа градба на 20 декември 1944 година.
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk