На крајот од 2015 година, Агенцијата за енергетика констатирала дека на територијата од Македонија се лоцирани 163 електроцентрали што произведуваат „зелена енергија“. Во официјалниот регистар, впишани се 102 фотоволтаични електрани, 58 мали хидроелектрани, 2 биогасни електрани и 1 ветерна електрана што ги ползуваат обновливите извори на енергија при производството на електрична енергија. Сите тие имаат вкупна инсталирана моќ од 113,84 мегавати, односно во домашниот електроенергетски систем во една година можат да допринесат во производството на 354.178 мегават часови електрична енергија.
Погледнато по сектори, најголем удел во искористувањето на обновливите извори на енергија имаат малите хидроелектрани. Овие енергетски капацитети имаат инсталирана моќ од 57,32 MW, што значи дека тие можат да произведат 207.776 мегават часови електрична енергија на годишно ниво. Ако се земе во предвид вкупната бројка на издигнати објекти, апсолутен рекордер се соларните електрани. Тие најчесто претставуваат исплатлива инвестиција за намалување на енергетските трошоци кај дел од малите индустриски капацитети, но притоа нивниот удел во производството на електрична енергија во земјава е најмал. На почетокот од 2015 година, вкупната инсталирана моќ на фотоволтаиците е заокружена на 16,71 мегавати.
Според последните информации на Агенцијата за енергетика, нема поместувања кај ветерните и биогасните електрани. За разлика од искористувањето на водата и на сонцето, ветропаркот „Богданци“ и капацитетите во Тетово и Битола претставуваат единствените енергетски објекти што го користат ветерот и биомасата во добивањето електрична енергија.
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk