Претходна статија
Кој сака да гради крстосница на два ката кај Мавровка?
Следна статија
Поништено решението за градба на седиштето на ВМРО-ДПМНЕ

Градскиот буџет за догодина ги скара власта и опозицијата

Објавено на 24.11.2015 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Опозицискиот СДСМ денеска побара оставка од скопскиот градоначалник Коце Трајановски и распишување на нови локални избори во главниот град. Од СДСМ се незадоволни од распределбата на средствата во Предлог – буџетот на Град Скопје за 2016 година, тврдејќи дека тој се троши расипнички. За нови „барокни“ фасади догодина ќе се потрошат 5,7 милиони евра, додека за изведба на нови плоштади и фонтани се алоцирани 3 милиони евра. Од Социјалдемократскиот сојуз обвинуваат дека за одржување на постоечките фонтани и споменици догодина ќе бидат потребни 500.000 евра, додека довршувањето на Градската куќа ќе чини нови 2,6 милиони евра.

 

 

 

„Врв на забеганоста, безобразлукот и луксузирањето се 500.000 евра за пристапни површини околу гламурозното партиско седиште на ВМРО-ДПМНЕ. Приоритет за Коце Трајановски е партиското седиште на ВМРО-ДПМНЕ, а не изградбата на комунална инфраструктура за цело Скопје, бидејќи за цела година предвидени се 750.000 евра“, истакна Дамјан Манчевски, координатор на советничката група на СДСМ и коалиционите партнери во Советот на град Скопје.

 

На денешното гласање на градскиот буџет за 2016 година со свое објаснување се јавија и од владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ. „Станува збор за развоен буџет, буџет со голем број на капитални проекти и инвестиции кои значително ќе го подобрат животот на жителите на град Скопје. Дека тоа е така, говори и фактот дека за капитални расходи се предвидени 3.190.380.000 денари, или 46,3% од вкупниот буџет на Град Скопје за 2016 година“, рече Слободанка Алексовска, координатор на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ. Од владејачката партија посочуваат дека за реализација на инфраструктурни проекти ќе се издвојат околу 2,5 милијарди денари од градскиот буџет.

 

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека наредната година ќе се работи на проекти во сите 10 скопски општини. Меѓу најзначајните зафати од областа на инфраструктурата, планирано е да се продолжи трасата на булеварот Партизански одреди кон населбата Ѓорче Петров, да се реализира третата фаза од проширувањето на булеварот Борис Трајковски во општина Кисела Вода, да се реконструира и прошири булеварот Христијан Тодоровски Карпош во Бутел, како и редица на други инфраструктурни проекти.