Претходна статија
Булеварот „АСНОМ“ догодина ќе се реконструира
Следна статија
Народната банка сигнализира намалување на цената на становите

Архитектот Мартин Гулевски добитник на наградата „Андреја Дамјанов“ за 2015 година

Објавено на 20.11.2015 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Архитектот Мартин Гулевски е 26-от добитник на наградата „Андреја Дамјанов“ како признание за животно дело, особени достигнувања и личен придонес во развојот на архитектурата и градителството. Претседателката на ААМ, Сања Раѓеновиќ Јовановиќ му ја врачи наградата на Гулевски на вчерашниот свечен настан во црквата „Рождество на Пресвета Богородица“. Претседателката на комисијата за доделување на наградата, Вера Ќосевска во своето обраќање пред присутните истакна дека интернационалниот стил е главен белег во дејноста на Мартин Гулевски.

 

* Извор на фотографии: Асоцијација на архитекти на Македонија

 

 

Во својот говор, добитникот на наградата „Андреја Дамјанов“ за 2015 година изрази благодарност до педагозите кои го трасирале неговиот професионален развој. „Чувствувам една потреба да се заблагодарам на сите мои учители, почнувајќи од прво одделение до последниот професор којшто беше на факултет. За свои учители ги сметам и сите оние со кои сум работел“, истакна Гулевски. Доделувањето на наградата „Андреја Дамјанов“ е под покровителство на Министерството за култура.

 

 

 

Мартин Гулевски дипломирал на Архитектонскиот факултет при Политехничкиот институт во Лвов, Украина. Магистерската теза ја одбранил на Архитектонскиот факултет во Белград, додека докторските студии ги завршил на Архитектонскиот факултет во Скопје. Во својата богата кариера е автор на повеќе од 100 проекти и 20 реализации. Учествувал и наградуван е на повеќе од 20 домашни и меѓународни конкурси. Архитект Гулевски е добитник на неколку признанија и награди во земјава и странство, меѓу кои е Големата годишна награда за архитектура на ААМ во 2000 година и Гран при на БИМАС 2002.