Зградата на републичкото Собрание дефинитивно ја споделува судбината на германскиот Рајхстаг, барем во поглед на времетраењето на реконструктивниот зафат. И по шест години од почетокот на градежните работи, на терен изведбениот процес не е завршен. Најновото ветување е дека целиот процес ќе биде комплетиран до февруари 2016 година. Сумирано во бројки, од парите на граѓаните на оваа земја се потрошија над 15 милиони евра за наградба, доградба и адаптација на собраниската зграда, а притоа градежните работи за нејзина реализација доцнат речиси четири години.
Во изјава за државната агенција МИА, собранискиот архитект Билјана Ивановска истакна дека со реконструктивниот зафат сите 123 пратеници ќе добијат свои канцеларии. Во претстојниот период ќе се пуштат во употреба новите сали за заседавање на собраниските комисии, додека во завршна фаза е изведбата на салата за меѓународни конференции, лоцирана под најголемата од трите куполи на објектот. Во наредните месеци треба да се доврши партерното и хортикултурното уредување на просторот околу собраниската зграда. Во изминатиов период беа поставени лифтови во самото здание, кое воедно доби и енергетско ефикасна фасада. Конструкцијата на зградата издигната во 1938 година е зајакната, со што се задоволија и современите критериуми за сеизмичка стабилност на објектот.
Реконструкцијата на објектот на Собранието на Р.М. доаѓа по предлог на премиерот Никола Груевски и на некогашниот собраниски спикер Љубиша Георгиевски. За разлика од веќе воспоставената пракса во Македонија за мешање на политичарите во архитектонската дејност, реконструкцијата на германскиот Рајхстаг беше раководена од страна на светскиот познатиот автор Норман Фостер со својот тим од 81 архитекти.
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk