Претходна статија
Распишан тендерот за реконструкција на блокот А од домот „Гоце Делчев“
Следна статија
Реконструкцијата на македонското Собрание стана историја

Владата тужена пред Управниот суд поради мешање во ингеренциите на Општина Центар

Објавено на 16.11.2015 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Советниците од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија во Советот на Општина Центар денеска покренаа тужба до Управниот суд поради мешањето на премиерот Никола Груевски и на македонската влада во ингеренциите на оваа скопска општина. Од СДСМ сметаат дека владината одлука за утврдување на градби од посебен интерес за изработка на урбанистичко планска документација е спротивна на Уставот и ги попречува надлежностите на Општина Центар. Тужбата е поднесена поради тоа што владата утврдила дека идните објекти на парцелите 2.1 и 3.1 од ДУП-от „Градска четврт Дебар Маало 1“ претставуваат „градби од посебен интерес“.

 

* Атрактивното земјиште што е предмет на спор меѓу владата и Општина Центар

 

 

„Граѓаните на Центар, непосредно и преку своите директно избрани претставници, мора да учествуваат во одлучувањето, а општината мора да биде самостојна во вршењето на надлежностите, согласно Уставот и согласно Законот за локална самоуправа. Со Законот за локалната самоуправа е недвосмислено пропишано дека надлежностите на општината се целосни и не смеат да бидат одземени или ограничени. Согласно Законот за просторно и урбанистичко планирање, недвосмислено е јасно дека за тој простор одлучува Општина Центар преку донесување на детален урбанистички план“, посочи Билјана Чурилова, советничка од СДСМ во Општина Центар.

 

Неодамна, градоначалникот на Општина Центар Андреј Жерновски обелодени дека на спорните две парцели е предвидено да се градат станбени згради, односно објекти кои не можат да влезат во категоријата на „градби од посебен интерес“. Тој истакна дека одземањето на сите ингеренции на локалната самоуправа за одлучувања во однос на овие објекти е противзаконско. Наместо станбени згради, Општина Центар на местото на постоечките бараки на АДСДП планира да гради нова градинка, зеленило и детско игралиште.