Власта повторно им попушта на оние граѓани кои нелегално изградиле објект. По втор пат за помалку од пет години, на граѓаните им се овозможува да поднесат барање за легализација на бесправно изградените објекти. Владата подготви законски измени со кој се предлага до 31 март 2016 година да се продолжи рокот на поднесување на барања за легализација на дивоградбите, додека оние што веќе имаат поднесено барање ќе можат да ги достават своите геодетски елаборати најдоцна до 31 декември 2016 година. Министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски на денешната прес-конференција посочи дека услов за поднесување на легализација за објект е тој да биде изграден заклучно со 3 март 2011 година.
Предложените законски измени до парламентот овозможуваат и можност за легализација на дивоградби што се изградени на приватно земјиште. Сопственикот на објектот ќе може да го легализира изграденото доколку во моментот на изградбата на објектот земјиштето било во сопственост на Република Македонија. „Во овој случај измените предвидуваат заштита на правата на сопствениците на земјиштето преку обештетување од страна на лицето кое го легализирало објектот. Исто така, сопственикот на земјиштето или неговите наследници имаат право да побараат надомест за земјиштето без временско ограничување и доколку во рок од 20 години сопственикот на земјиштето побара надомест на земјиштето, тогаш ќе се земе предвид пазарната цена на земјиштето во моментот на поднесување на тужбеното барање“, изјави министерот Мисајловски.
Со измените се дава и можноста да се легализираат објекти изградени на државно земјиште со право на користење на други физички или правни лица, без да се заверува изјава на нотар за тоа колку време го користат земјиштето. За сите овие владини предлози ќе треба допрва да се изјаснат пратениците во Собранието на Р.М. Она што во моментов е искристализирано како јасно е дека процесот за легализација на објектите се одвива споро. Од 360.000 доставени барања за легализација на дивоградбите, само 175.000 од нив се комплетирани со геодетски елаборати, додека локалните самоуправи и катастарот ја завршиле административната работа за легализација за 135.000 барања. Или споредено со ситуацијата од пред повеќе од два и пол месеци, сите македонски општини во овој временски период успеале да комплетираат само 5.000 случаи за легализација на објектите.
Според податоците на Државниот завод за статистика, во текот на минатата година биле регистрирани 1.075 бесправно изградени објекти на целата територија на земјава. Од нив, државата е сопственик на 18 дивоградби, за кои во претстојниот период ќе треба да го решава проблемот со добивање на неопходните документи за сопственост.
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk