По првиот неуспешен обид, Министерството за здравство денеска го објави вториот по ред оглас за избор на проектантско биро што ќе ја изготви проектната документација за рушење на постојните објекти, за дислокација на сегашните инсталации и за изведба на инсталации за напојување на објекти во периодот на градба на Новиот клинички блок во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје. Ова практично значи дека изградбата на новиот здравствен комплекс на Водно нема да започне во текот на 2015 година. Наместо одреден степен на изграденост на зданието, во изминативе две години Министерството за здравство успеа единствено да сруши дел од постоечките објекти во Клиничкиот центар и делумно да ја подготви проектната документација.
Изработката на неопходната документација за рушење на објектите ќе го чини надлежното министерство 450.000 денари без вклучен ДДВ, додека изборот на проектантското биро ќе се изврши на 17 ноември. Во претстојниот период треба целосно да се изготви проектната документација, врз основа на идејното решение за новиот Клинички центар на италијанската компанија „Арен С.Р.Л.“. Ако активностите се одвиваат според досегашното темпо на работа, тогаш изградбата на големиот здравствен комплекс е неизвесно кога ќе заврши. Владиното ветување беше дека Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ ќе се всели во новите простории најдоцна до 2017 година.
Колку за потсетување, во изминативе години не се изградени ниту ветените катни гаражи во најголемиот здравствен комплекс во Македонија. Новиот клинички центар е планирано да се простира на површина од 61.500 метри квадратни. Во идното здание треба да се сместат сите клинички болници, со исклучок на Клиниката за инфективни болести, Клиниката за детски болести, Стоматолошката клиника и Клиниката за максилофацијална хирургија, кои ќе ги задржат постојните објекти. Новиот комплекс ќе биде поврзан преку топла врска со зградите на Хируршките клиники, Клиниката за гинекологија и Клиниката за онкологија. Вредноста на капиталниот објект изнесува 70 милиони евра, кои се обезбедени преку кредит од Банката на Советот на Европа.
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk