Денеска беше промовираа реконструираната велосипедска патека по должината на булеварот Александар Македонски, на потегот од подземниот премин кај хотелот „Континентал“ до влезот на пунктот на ЈСП во населбата Автокоманда. Заедно со патеката за велосипеди, пешачката патека е целосно реконструирана на должина од 1.040 метри. Пешачката патека е широка четири метри, додека велосипедската патека 2,5 метри.
* Извор на фотографии: Град Скопје
За да се овозможи непречено движење на велосипедистите, екипите ЈП „Улици и патишта“ исто така ја санираа пешачката и велосипедската патека по должината на улицата Беласица, на потегот од крстосницата со булеварот Гоце Делчев до кружниот тек кај хотелот „Континентал“, од страната на скопското сајмиште, во должина од 260 метри, а кај хотелот „Континентал“ е изградена нова велосипедска патека долга 50 метри. По целата должина е поставена хоризонтална и вертикална сигнализација за велосипедистите. Од градската каса за овој зафат се издвоени околу 8,6 милиони денари.
„Во наредните денови продолжуваме со активностите за изградба и обнова на велосипедските патеки од рутата 1. Ќе се работи на потегот од базата на ЈСП во Автокоманда до клучката „Естекада“, на булеварот Илинден на потегот од улицата Љубљанска до булеварот 8-ми Септември, на булеварот Илинден на потегот од крстосницата со булеварот Свети Климент Охридски до фонтаната во Градскиот парк, на улицата Беласица од страната на паркингот и по должината на булеварот Гоце Делчев од страната на Крњево. На терен работат три градежни компании, а градежните работи од рутата 1 очекуваме да завршат до крајот на годинава“, соопшти денеска скопскиот градоначалник Коце Трајановски.