Во Кавадарци денеска беа пуштени во употреба пет мали хидроелектрани изградени на реката Бошава. Енергетските капацитети се реализирани по пат на јавно – приватно партнерство, заедно со целосната реконструкција на постоечкиот канал од тиквешкиот хидросистем. Словенечкиот концерн „Колектор Турбоинститут“ инвестираше 20 милиони евра во комплетна санација на хидросистемот Бошава. Покрај добивање на електрична енергија, со проектот се овозможи искористување на дополнителни количини вода за пиење и наводнување.
Претседателот на Управата на словенечки „Колектор“ Радован Болко нагласи дека како резултат на успешниот проект се отворени нови работни места во кавадаречкиот регион. Директорот на Водостопанство „Тиквеш“ Љубе Димов посочи дека со изградбата на малите хидроелектрани ќе се реши и проблемот со вода за пиење во општините Кавадарци и Росоман. Водостопанство „Тиквеш“ преку јавно – приватно партнерство со словенечкиот партнер, „Колектор Турбоинститут“, потпишаа договор за јавно – приватно партнерство за реконструкција на хидросистемот „Бошава“ и изградба на пет мали централи со максимална инсталирана моќност од 11 мегавати. Овие објекти на годишно ниво ќе обезбедат 33 гигават часови електрична енергија.