Претходна статија
Косово го гради, Македонија го заборави автопатот Скопје - Приштина
Следна статија
Отворена изложба на современата полска архитектура

Реновирана киносала и нова опрема за Кинотека на Македонија

Објавено на 27.10.2015 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Кинотека на Македонија денеска го одбележа Светскиот ден на аудиовизуелното наследство на УНЕСКО со пуштање во употреба на новата дигитална опрема и реновираната киносала во објектот лоциран во населбата Карпош-3. Опремувањето на киното со дигитален проектор ќе овозможи соодветна презентација на филмови и на аудиовизуелен материјал што Кинотеката го дигитализираше во изминативе години како дел од нејзината работа за заштита на филмското наследство. Во овој проект Министерството за култура вложи 4,1 милиони денари.

 

* Извор на фотографии: Министерство за култура

 

 

Директорката на Кинотеката на Македонија, Мими Ѓоргоска-Илиевска посочи дека со новата дигитална опрема институцијата влегува во нова епоха на дигиталната ера на киноприкажувањето. „Дигиталните проекции нема во целост да ги заменат досега раритетните и веќе ексклузивни проекции од филмска лента, и понатаму остануваме доследни и на 35-милиметарски филмски проекции. Сепак, дигитализацијата на кинотечното кино ќе ни овозможи на публиката да и ги претставиме нашите проекти на дигитализација и дигитална реставрација кои силно говорат за националниот и културниот идентитет на Република Македонија“, рече Ѓоргоска-Илиевска.

 

 

 

Со реализираниот проект, во летните месеци беше реконструирана кинотечната сала, која беше отворена како целосно реконструирано кино во 2005 година. Во текот на оваа година беше избрано и идејно решение за новата музејска поставка на површина од 800 метри квадратни, со која ќе се заштитат и вреднуваат експонати од македонската кинематографија и култура. Победничкото идејно решение за конципирање на музејската поставка беше изработено од авторите Медина Гициќ и Елена Ивановска. Отворањето на поставката е предвидено за 2016 година.