Една година по поставувањето на камен-темелник, компанијата „Голден Арт“ сношти ја пушти во употреба новата станбено – деловна зграда на улицата Милан Зечар во општината Аеродром [»мапа]. Станува збор за објект со приземје, девет ката и поткровје, со вкупно 85 станови, кој истовремено има подземна гаража со обезбеден паркинг простор за станарите. Целокупната површина во околината на зградата е партерно и хортикултурно уредена од страна на инвеститорот. Во деловниот простор од приземјето на објектот наскоро ќе биде отворен маркет од ланецот на „Рамстор“. Новата станбена зграда на „Голден Арт“ ги задоволува мерките за енергетска ефикасност и се здоби со високата класа А за заштеда на топлинска енергија во становите.
Извршниот директор на „Голден Арт“, Ивица Јакимовски на вчерашната свеченост посочи дека на новоизградениот објект е применета градбата по систем. „Системското градење подразбира производство по систем, стандардизирање на одредени градежни материјали, и нормално, упатство по коешто е потребно да се изработи еден станбен објект“, истакна првиот човек на компанијата, Ивица Јакимовски.
„Голден Арт“ годинава слави 10 години постоење во градежниот сектор, период во кој има издигнато десетици објекти во земјава и во странство. Новиот станбено – деловен објект е втор по ред реализиран од оваа градежна фирма, која во моментов гради уште три станбени објекти во скопските општини Аеродром и Кисела Вода.