Расте интересот за инвестирање на приватниот капитал во производство на електрична енергија од мали хидроелектрани. За само три месеци, нови девет мали хидроелектрани се пуштени во употреба на територијата на земјава. На почетокот од октомври, во регистарот на електроцентрали за производство на електрична енергија од обновливи извори се вметнати 56 мали хидроелектрани, со вкупна инсталирана моќ од 52,78 мегавати. Според податоците на Агенцијата за енергетика, планираното годишно производство на овие енергетски капацитети ќе изнесува 192.929 мегават часови електрична енергија.
Покрај драстичниот пораст на веќе подигнатите објекти, значаен број на мали хидроелектрани допрва ќе се градат во нашата земја. Само во текот на јули годинава, Министерството за животна средина и просторно планирање додели пет концесии на два приватни субјекти за изведба на вакви енергетски објекти. Покрај во делот на мали хидроелектрани, зголемен интерес за вложување е забележан и кај фотоволтачните електрани. Заклучно со почетокот на октомври, компаниите пуштиле во употреба 98 соларни електрани, со вкупна инсталирана моќ од 16,09 мегавати.
Искористувањето на обновливите извори на енергија со текот на времето се диверзифицира со различни енергетски капацитети. Најновите информации на Агенцијата за енергетика посочуваат дека во домашното производство на електрична енергија денес активно функционираат ветерна електрана и две електрани на биогас.
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk